Марко Ројс и Борусија Дортмунд се договорија да не ја продолжат соработката, фудбалерот им се обрати на навивачите и им соопшти дека заминува од клубот по крајот на сезоната.
Ројс од 2012 година го носеше дресот на Борусија Дортмунд, тој остана во клубот и во периодите кога играше во најдобра форма и беше баран од повеќе гиганти. 34-годишниот фудбалер со тешко срце се разделува од фановите.
„Па, како да почнам? Драги фанови на Борусија Дортмунд, имав чест да играм 12 години на овој прекрасен стадион. Половина од мојот живот посветив на овој клуб. Со многу подеми и падови. Повеќето беа подеми би рекол. Клубот и јас дојдовме до одлука да не го продолжиме мојот договор. Горд сум и благодарен што можев да играм за овој клуб толку многу години. Малку ми е тешко во моментов да најдам вистински зборови. Како и да е, важно ми е да ви соопштам прво вас, на фановите“, вели Марко Ројс.
„Исто така пред нас се уште имаме голема цел. Сакаме да одиме на Вембли. Сакаме да го донесеме овој трофеј повторно во Дортмунд. Затоа е важно што ја донесовме оваа одлука сега, го решивме ова прашање и сега можеме комплетно да се фокусираме на главната цел. Ќе се видиме уште неколкупати на овој прекрасен стадион. Оваа сабота секако. Целосен фокус на нашите следни натпревари. Се гледаме“.