Maнчестер Сити го победи Челси со 2:0 во првото коло од Премиер лигата и така на одличен начин ја стартуваше одбраната на титулата.
Првиот гол за „граѓаните“ го постигна Ерлинг Халанд во 18. минута додека конечниот резултат го постави Матео Ковачиќ со погодокот во 84. минута. Хрватот ја прими топката на средината на теренот успеа да ја исконтролира и помина покрај двајца фудбалери на Челси кои се обидоа да го запрат.
Голот на Ковачиќ привлече и посебно внимание затоа што „сините“ минатото лето го пуштија да си замине.
Имено, Челси го пушти Ковачиќ за сума од 29 милиони евра, а во тој преоден рок го доведе Моисес Каиседо од Брајтон за 116 милиони евра, додека во јануари пристигна и Енцо Фернандез за кого платија 121 милион евра.
За нив двајца Челси потроши вкупно 237 милиони евра, а токму од нив Ковачиќ се ослободи во акцијата пред постигнатиот гол.
„Издрибла играч од 121 милион евра, па истото го направи и со играчот од 116 милиони, а потоа лесно погоди од 20-тина метри против клубот кој го продаде за 29 милиони евра“, гласи еден коментар на социјалните мрежи.