Селекторот на Словенија, Матјаж Кек е разочаран од елиминацијата од Европското првенство, но се надева дека ова ќе биде стартна точка за подобра иднина на словенечкиот фудбал.
Словенија беше на прагот да направи сензација. Во 115. минута пропушти неверојатна шанса за победа, а потоа на пенали загуби од Португалија која беше огромен фаворит. Словенечките фудбалери можат да бидат горди на својот настап и целосно на турнирот и на вчерашниот меч.
„Кога ќе загубите натпревар, не славите. Имаме горчина, но со сладок вкус на другата страна. Се надевам дека овој турнир е почетна точка за иднината на словенечкиот фудбал“, вели Кек.
„Честитки за Португалија, треба да се знае да се победи и на пенали. Тажен сум што треба да се вратиме, сакав да останеме на турнирот. Мечот беше во нивни раце, но ние напредувавме во текот на натпреварот“.
„Жал ми е за навивачите. За жал не победивме, но Португалија го заслужи тоа. Овие фудбалери покажаа што значи да се игра за Словенија“.