Италија ја доби генералката пред ЕП, Фратези даде убав гол против БиХ (ВИДЕО)

by 24 фудбал
1 минути читање

Европскиот првак Италија со победа ќе патува на претстојниот континентален турнир. Откако пред пет дена одигра реми против Турција, сега селекцијата предводена од Лучијано Спалети ја победи Босна и Херцеговина со 1-0 во Емполи.

Натпреварот на „Карло Кастелани“ го одлучи победоносниот гол на Давиде Фратези. Играчот на шампионот Интер успеа да го постигне единствениот погодок во 38. минута, откако по асистенција од Киеза со ефектен волеј го погоди аголот од голот на босанскиот чувар на мрежата.

Очекувано, темпото на игра опадна во второто полувреме. Спалети се потпре на клупата, направи доста измени и неговите играчи го умртвија темпото, чувајќи сили за вистинските предизвици кои следат. Од друга страна, Босанците немаа сили посериозно да го загрозат голот на Џанлуиџи Донарума.

Освен овој натпревар се одиграа уште два во истиот термин. Селекциите на Грузија која ја совлада Црна Гора на гости (1-3) и Словачка која дома беше убедлива со Велс (4-0) со победи ќе патуваат на Европското првенство.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани