Фудбалерот кој имаше најголемо его во елитниот фудбал дефинитивно е Златан Ибрахимовиќ. Не е дека и другите го немаат, меѓутоа начинот на кој Швеѓанецот со балкански корени го покажуваше тоа беше посебен. Секогаш зборувајќи за себе дека е најдобар, со големо реноме, авторитет и навлекуваше стравопочит.
Успешната кариера Ибра ја заврши во редовите на Милан. Иако последната сезона му беше неславна поради проблемите со коленото, тој се врати во 2019 и успеа да го врати тимот на врвот во Италија, освојувајќи го долго очекуваното скудето. Сега, по крајот на кариерата тој си ја отвори душата и проговори за одлуката да се повлече.
„Имам добар живот. Престанав да играм пред осум месеци и ми се смени животот. Прифатив да престанам со фудбалот, а тоа беше тешко поради моето его и начин на кој размислувам за себе. Мислам дека сум најдобар, и понатаму е така. Можев да продолжам, ама одбрав да престанам. Зошто? Бидејќи го посакувам најдобриот живот за моето семејство. Сакам време за синовите, а поради зголемените проблеми со коленото немаше да го имам. Така прифатив повлекување, дојдов то точка кога си реков дека е доста. Неколку месеци подоцна се сретнав со Гери Кардинале (сопственикот на Милан). Ми даде понуда која не можев да ја одбијам и почнав со работата“, изјави Ибрахимовиќ.
Низ кариерата Ибрахимовиќ мина низ многу клубови, тргна преку Малме, па играше за Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона, Милан, ПСЖ, Манчестер Јунајтед и Лос Анџелес Галакси.