Селекторот на Германија, која ќе биде домаќин на Европското првенство ова лето, Јулијан Нагелсман вчера го објави списокот на фудбалери на кои имаше неколку изненадувања.
На списокот од 27 фудбалери на Нагелсман (еден ќе отпадне) немаше имиња како: Никлас Зиле, Хумелс, Горецка, Гнабри, Вернер…но затоа имаше место за голманот Александар Нубел.
Нубел сезонава како позајмен голман од Баерн го брани голот на Штутгарт, а колку бил изненаден од самиот повик говори и неговата последна изјава.
„Веќе направив планови за одмор и резервирав сафари во Танзанија, сепак задоволство ќе ми биде да го откажам. Африка ќе почека, ќе одам следната година“, изјави Нубел.
Нубел од Шалке пристигна во Баерн, меѓутоа откако не успеа да се избори со Мануел Ноер за првотимски статус беше испратен на позајмица, прво во Моанко, потоа и во Штутгарт за кој одигра одлична сезона и е еден од најзаслужните што овој тим ќе игра во Лигата на шампионите следната сезона.
Во репрезентацијата Нубел сепак ќе биде резервна опција и предност ќе имаат Ноер и Тер Штеген, тука е и голманот на Хофенхајм, Оливер Бауман кој најверојатни отпаднал за конечниот список.
На Европското првенство Германија ќе игра во група со Шкотска, Унгарија и Швајцарија.