Денеска на ЕП: Програмата почнува со мечот на Србија против Словенија, шлагот на денот е дуелот меѓу Шпанија и Италија

by riste
3 минути читање

Четврток: 20.06.2024 – Денеска на програмата се три интересни дуели, најпрво ќе се сретнат Словенија и Србија, потоа настапува Англија која за противник ја има Данска, а денот ќе заврши со дерби пресметката меѓу Шпанија и Италија.

15:00 Словенија – Србија

Денешниот ден на Европското првенство почнува со дуел на две екс-ју репрезентации. Србија и Словенија ќе играат клучен дуел за место во осминафиналето. Србите го почнаа турнирот против силната Англија која е главен фаворит, поразот беше очекуван, но не болеше со оглед на солидната игра која ја прикажаа. Во меѓувреме се случија турбуленции со капитенот Тадиќ кој јавно негодуваше на селекторската одлука да почне од клупата, но откако главата се олади, тој се извини по што атмосферата во српскиот табор се нормализираше.

Словенците позитивно изненадија во првото коло, одиграа 1-1 против Данска, а лесно можеше да се случи да дојдат и до целиот плен. Доколку сакаат да ја поминат групата, на нив ќе им биде потребна победа на денешниот дуел со оглед на тоа дека во последното коло играат против Англија.

Србија на денешниот дуел, а и на остатокот од првенството нема да може да смета на Костиќ кој заработи повреда на коленото во дуелот со Англија. Сите останати се во комбинација за дуелот.

18:00 Данска – Англија

Англија ги освои очекуваните три бода против Србија, но не блескаше. Тимот на Саутгејт нападна на почетокот, даде гол, па реши да го чува водството контролирајќи ја играта на средината на теренот. Ваквата тактика не им се допадна на многумина, Англија како да остана должна на навивачите да го покаже својот вистински сјај. Можеби тоа ќе се случи денеска.

Данска не успеа да ја победи Словенија и покрај тоа што влезе како фаворит во тој дуел. Данците одиграа под очекувањата на стартот од Европското првенство. Загубеното тешко дека ќе можат да го надополнат денеска против Англија, но ќе се обидат да му пружат отпор на фаворитот. Нивниот клучен меч за пласман во осминафиналето ќе биде во последното коло против Србија.

21:00 Шпанија – Италија

За крај на денот е мега дербито меѓу Шпанија и Италија. Двете репрезентации стартуваа со победа. Шпанците тоа го направија на убедлив начин против Хрватска декласирајќи ја со 3-0, а Италијанците со пресврт ја победија Албанија со 2-1.

Италијанците на ова Европско првенство го бранат трофејот, но не се меѓу фаворитите за освојување. Обложувалниците на Шпанија ѝ даваат предност во овој дуел. Спалети и Де ла Фуенте ги имаат сите играчи на располагање, па се очекува интересен дуел од кој победникот сигурно би го освоил првото место во групата.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани