Вечерва во Дортмунд се игра втората полуфинална средба на Европското првенство, Холандија и Англија се борат кој да биде противник на Шпанија во големото финале на континенталниот собир во Германија.
Англија на Европското првенство допатува како најголем фаворит за освојување, составот на Англичаните е најдобар, но прикажаното досега не го оправда тоа.
Тимот на Герет Саутгејт на мускули успеа да дојде до полуфиналето, но низ историјата се случувало освојувачите да одат бавно, а како се ближи крајот да стануваат се подобри. Дали тоа ќе биде така и со Англија, ќе видиме вечер.
Хари Кејн се жалеше на повреда, но последните информации велат дека почнал да тренира нормално и ќе биде подготвен за да го почне вечерашниот натпревар.
Холандија се вбројуваше во фаворитите од сенка, тимот на Куман прикажа добри партии во досегашниот дел од првенството и заслужено се најде меѓу четирите најдобри.
Лалињата вечерва ќе го имаат најголемиот предизвик досега. Тие силно веруваат дека можат да го направат и последниот чекор до пласман во финалето.
Натпреварот се игра во Дортмунд, а правдата ќе ја дели германскиот судија Феликс Цвајер.