Гостивар се засили со фудбалер кој Монако своевремено го купи за шест милиони евра!

by 24 фудбал
2 минути читање

Како што веќе беше најавено претходната седмица, македонскиот прволигаш Гостивар ја активира „трансфер-бомбата“ во ПМФЛ.

Нов член на гостиварчани ќе стане Набил Дирар, фудбалерот кој потекнува од Мароко, има 38 години и доаѓа од првенството на Луксембург каде што играше за Шифланге. Сепак, во своето резиме Мароканецот има сериозни ангажмани, а зад себе има и 46 репрезентативни настапи.

Своевремено Дирар беше одличен крилен напаѓач. Во 2012 година тој го направи првиот голем трансфер од Клуб Бриж за шест милиони евра се пресели во Монако. За тимот од кнежевството мароканскиот фудбалер настапуваше пет години, запиша 167 натпревари, даде 12 гола и подели 33 асистенции.

Потоа Фенербахче го откупи за 3,5 милиони, а по четири години во Турција следеше и платена позајмица назад во Клуб Бриж. Кариерата почна да му оди во надолна линија по 2021 година, тогаш се пресели во Касимпаша, па едно време беше без клуб. Тогаш се врати во родната земја и играше за Мохамедија, па играше за дански Исхој и пролетната полусезона беше дел од Шифланге.

Иако резимето му е богато, во моментов според угледниот „Трансфермарк“ Набил Дирар вреди само 10.000 евра, а во последните години се случи повеќе пати по неколку месеци да биде без клуб. И покрај тоа, реткост е во мак-фудбалот да дојде фудбалер кој зад себе има така богата кариера со настапи за клубови како Монако, Фенербахче, па и Клуб Бриж…

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани