Во изминатите години во многу наврати се докажуваше дека се фрлаат вртоглави суми за трансфери на фудбалерите. Еден од овие примери, веројатно и меѓу подобрите е оној на Николас Пепе. Фудбалерот кој во 2019 година за сума од 80 милиони евра се пресели од Лил во Арсенал, по трансферот во Лондон направи „слободен пад“ во кариерата.
Пепе не се снајде во Арсенал или барем беше прогласен за промашување од навивачите. Тој за „топџиите“ одигра 112 официјални натпревари, постигна 27 гола и подели 21 асистенција, а многу фудбалери имале и полоша статистика. Сепак, тој не беше во прв план кај тимот од Северен Лондон, ниту стана миленик на навивачите.
„Топџиите“ веројатно се откажаа од него кога во 2022 година го испратија на позајмица назад во Франција, овојпат во Ница. Сепак, тој се врати назад во Арсенал, а потоа минатото лето бесплатно се пресели во Трабзонспор каде што стана соиграч на Енис Барди.
За Трабзон тој одигра 23 натпревари, даде шест гола и запиша три асистенции, меѓутоа веќе ги заврши обврските кон клубот и ќе си замине бесплатно. Николас Пепе во моментов вреди „само“ десет милиони евра, што е осум пати помалку од тоа што Арсенал го плати за него пред пет години.