Динамо Загреб не успеа да ја продолжи добрата форма во Лигата на шампионите и загуби по две победи. На „Максимир“ сигурен триумф забележа Борусија Дортмунд.
По мечот тренерот Ненад Бјелица го анализира одиграното, а се осврна и на условите во кои клубот работи.
„Борусија заслужено победи, беше подобра од нас и доминираше, беше тешко да се парира. Честитки и на моите играчи за борбеноста и дисциплината. Во оваа состојба не можевме повеќе. Велат дека ни се потребни уште три бода за пласман во нокаут фазата. Не знам, верувам дека на крајот ќе се најдеме во плеј-офот. Само погледнете ја табелата, ПСЖ има четири бода и е под нас, а ние се молиме на Бог да не заврне дожд за да можеме да тренираме. Капа долу за мојот тим и за тоа што го покажуваат во ЛШ“, изјави Бјелица.
По пет одиграни меча Динамо е на 23. позиција на табелата со шест бода, а под него се наоѓаат Реал Мадрид и ПСЖ.