Бизарна ситуација ни пристигнува од Хрватска каде што тимот на Риека во чуден момент го отпушти тренерот Жељко Сопиќ.
Риека не беше во некаква криза или проблеми, а отказот дојде по првиот кикс во првенството. Поради тоа медиумите шпекулираат дека постоела некаква тензија помеѓу Сопиќ и претседателот на тимот Дамир Мишковиќ.
Но, она што е најбизарно во целата ситуација е моментот кога му било соопштено дека повеќе нема да го води тимот. Тоа се случи веднаш по прес-конференцијата на која Сопиќ го најави реванш натпреварот во квалификациите за Лигата на Европа против Елфсборг. На таа прес-конференција Сопиќ воопшто не зборуваше за некакво заминување, па така јасно е дека бил изненаден.
Риека во првиот натпревар одигра 1:1, а тимот во тој дуел ќе го води Радомир Ѓаловиќ кој го наследува Сопиќ на местото главен тренер.