Фудбалската репрезентација на Македонија денеска патува за Летонија каде што на 10 октомври ќе го игра првиот натпревар од октомврискиот циклус, додека три дена подоцна не чека уште едно гостување против Ерменија.
Пред овој натпревар репрезентативецот Давид Бабунски истакна дека иако на нас се гледа како фаворити, сепак треба максимално да сме спремни за да ја оствариме нашата цел.
„Сигурно правиме многу работи доста добро кога не гледаат како фаворити во оваа група, но ние треба да останеме скромни и да продолжиме да се бориме да ја искористиме шансата која ја имаме.
Нема да биде лесно, играме на гостински терен. Денес сите репрезентации го развиваат својот фудбал, немаме многу време да се подготвиме. Ќе анализираме и ќе се обидеме да ги најдеме нивните слаби точки и со нашите „оружја“ да дојдеме до сите шест бода“, изјави Бабунски.
Пред овие два дуели селекторот Благоја Милевски најави дека главната цел за Македонија по овие два натпревари е да остане првопласирана.