Фудбалерите на Арсенал имаа одлична сезона, меѓутоа ниту тоа не беше доволно да го симнат Манчестер Сити од премиерлигашкиот трон. „Граѓаните“ на крајот завршија со два бода пред „топџиите“ во супер-интересната сезона во најсилната лига на светот.
По последниот меч од сезоната на „Емирати“, тренерот Микел Артета им се обрати директно на навивачите. Тој им се заблагодари за поддршката, но нагласи дека во следната сезона Арсенал ќе влезе уште посилен.
„Сè ова се случува бидејќи почнавме да веруваме во себе, бевме трпеливи и игравме. Благодарен сум на играчите и стручниот штаб. Мислам дека сега е време за пауза, да размислиме и да анализираме, а не сме задоволни и ќе одиме уште подалеку. Во добар моментум сме, бевме поблизу до трофејот од минатата сезона, па паузата треба да ја искористиме и да се вратиме уште посилни и погладни, да се обидеме да освоиме сè.
Не можам доволно да се заблагодарам на навивачите кои беа тука, крај нас цела сезона. Се надевам и следната ќе биде слична и ќе им го дадеме на фановите на Арсенал тоа што го заслужуваат. Фрустрирачки е и тешко во моментов. Но, можам да кажам дека следната сезона одиме уште посилно и ќе се трудиме да сме уште подобри, во обид да ги освоиме сите трофеи“, кажа Артета.
Две сезони во низа „топџиите“ ја губат битката за тронот со Манчестер Сити. Ако во минатата беа сами виновни за серијата лоши резултати во пролетниот дел од сезоната, оваа година ривалот беше безгрешен и не дозволи изненадување, но неизвесноста беше присутна до последното коло.