По 120 минути игра Англија ја победи Словачка со 2-1 и се пласираше меѓу осумте најдобри на Европското првенство, Англичаните во 95. минута се спасија од елиминација.
Словачка може да жали, беше на минута до сензација, но не издржа до крај. Белингем со маестрален погодок ги промени работите.
Словаците подобро влегоа во натпреварот, во 25. минута Шранц постигна гол за водство од 1-0.
Англија се мачеше да дојде до израмнување, тимот на Саутгејт немаше идеја како да ја разбие одбраната на Словачка. Блиску до погодок беше Рајс кој со удар од далечина ја погоди стативата.
Веќе сите мислеа дека Словачка ќе го направи најголемото изненадување во досегашниот дел од Европското првенство, но тогаш Белингем, во 95. минута погоди со ножички и го однесе мечот во продолженија.
Психолошката предност сега беше на страната на Англичаните кои осоколени од израмнувањето многу полесно влегоа во продолженијата.
Уште во првата минута Хари Кејн погоди со глава за комплетен пресврт и водство на Англија од 2-1, што беше и конечен резултат.
Англија во четвртфиналето ќе игра против Швајцарија. Словачка си оди дома, но може да биде горда на она што го покажа.