24фудбал

Марчињак се покаја, УЕФА потврди дека тој ќе го суди финалето во ЛШ

Полскиот судија Симон Марчињак кој е делегиран да го суди финалето во Лигата на шампионите меѓу Манчестер Сити и Интер, ризикуваше да биде сменет откако излезе информација дека бил присутен на настан организиран од партија од екстремната десница во Полска које е против Евреи, хомосексуалци, абортус, данок и Европска унија.

Лига на Шампиони

Марчињак излезе со покајание, рече дека не бил свесен каде оди и дека никогаш не ги делел контроверзните ставови на крајните десничари. 

„Сакам да изразам најдлабоко извинување за мојата вклученост и каква било вознемираност или штета што може да ја предизвикало моето учество на настанот „Еверест“ организиран во Катовице на 29 мај 2023 година. Бев сериозно заведен и целосно несвесен за вистинската природа и припадност на настанот. Не знаев дека тој е поврзан со полско екстремно десничарско движење. Да бев свесен за тоа, категорично ќе ја одбиев поканата. Вредностите што ги промовира ова движење се целосно спротивни на моите лични убедувања и принципи. Длабоко со каам за моето учество“, вели Марчињак.

„Како професионалец длабоко посветен на фудбалската игра сакам да ја истакнам мојата непоколеблива поддршка за вредностите кои ги брани УЕФА, особено за инклузивноста и почитувањето на сите поединци без разлика на нивното потекло. Овие принципи лежат во суштината на духот на фудбалот и непречено се усогласуваат со моите лични верувања. Згора на тоа, јас од срце ја осудувам секоја форма на омраза, дискриминација или нетолеранција, бидејќи тие немаат место во спортот или општеството како целина. Исто така, сакам да ја истакнам мојата посветеност на борбата против дискриминацијата во фудбалот. Бев меѓу првите судии во светот, а секако и првиот во мојата земја, што ја примени „процедурата во три чекори“ како одговор на сериозен дискриминаторски инцидент на натпревар во Полска“.

„Ќе научам од ова искуство дека треба да бидам повнимателен и подетално да ги испитам настаните и организациите со кои се поврзувам. И на крај, упатувам искрено извинување до клубовите, играчите, навивачите, колегите, официјалните лица и организациите кои ми даваат доверба. Целосно разбирам дека моите постапки имаа реперкусии надвор од личното разочарување, и јас сум целосно подготвен да ги прифатам сите последици кои произлегуваат од моето непромислено учество. Ви благодарам за разбирањето и понизно барам можност да се поправам и да ја повратам вашата доверба преку моите идни активности“.

УЕФА реши да го прифати ова извинување на Марчињак и потврди дека нема да го смени од улогата на главен судија во финалето од Лигата на шампионите.


Обложувај се онлајн на Моцарт, 100% бонус на прва уплата до 400 евра, регистрирај се на овој ЛИНК.