24фудбал

Пораз на Македонија, Грузија оди во бараж (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација уште еднаш загуби од Грузија, овојпат во Тбилиси со 2-0, на коло пред крајот решени се сите дилеми околу првото место, грузијците одат понатаму.

Македонија

Македонија беше подобра во најголем дел од натпреварот, но Грузија ја казни лошата ефикасност на нашите фудбалери и дојде до победа од 2-0 која можеше да биде и поубедлива.

Нашите фудбалери добро го почнаа натпреварот, доминираа на теренот и создаваа можности за гол, имавме обиди преку Спировски и Барди, но не дадовме гол.

Казната стигна во 35. минута кога по центаршут на Кварацхелија, топката го удри Миовски и заврши во мрежата на Димитриевски, автогол за водство на Грузија со 1-0.


По примениот гол Македонија падна, Грузија беше подобра до крајот на првиот дел, но резултатот остана непроменет.

И во второто полувреме влеговме подобро, имавме шанси преку Елмас, Миовски, Барди... но повторно не искористивме.

Во 64. минута Дарко Велковски направи голем кикс, ја загуби топката на средината и обезбеди контра на Грузија која ја реализираше Кварацхелија за водство од 2-0. Тука потонаа сите надежи на Македонија.

До крајот на натпреварот сликата беше вообичаена, ние напаѓавме, а Грузијците се обидуваа од контра напади да дојдат до уште поубедлива победа.

По пет одиграни кола Грузија собра 13 бодови, а Македонија седум. Тие ќе играат во баражот за пласман на Европското првенство но и ќе се пласираат во Лига Б за следното издание на Лигата на нации, ние ќе останеме во Ц.

Последниот натпревар од Лигата на нации го играме во понеделник против Бугарија на Арената „Тодор Проески“. Тоа ќе биде меч без резултатски импреатив, само за престиж.