24фудбал

Чудна е трансфер политиката на Манчестер јунајтед, од Арнаутовиќ и Рабио, на Жоао Феликс и Касемиро

Шпанскиот весник „Марка“ тврди дека претставници на Манчестер јунајтед се во Мадрид и се распрашуваат за можноста да ги ангажираат Касемиро и Жоао Феликс.

Англија

Фановите на Манчестер јунајтед се гневни на раководството на клубот, особено по двата порази на стартот од новата сезона во Премиерлигата.

Уште пред некој месец се појавија првите гласини дека Роналдо не е задоволен од активностите на Манчестер јунајтед на трансфер пазарот и сака да го напушти клубот.

И ако ги погледнеме последните потези на раководството на Манчестер јунајтед во преодниот рок, изгледа како воопшто и да немаат некој конкретен план што сакаат.

Од играчи како Арнаутовиќ и Рабио кои немаат квалитет да го подобрат тимот на Манчестер јунајтед, се префрлија на фудбалери кои во моментов изгледаат недостижно за нив, Касемиро од Реал Мадрид и Жоао Феликс од Атлетико Мадрид.

„Марка“ тврди дека Манчестер јунајтед во моментов има луѓе во Мадрид кои се распрашуваат за Касемиро и Жоао Феликс, но одговорот и во двата случаи веројатно ќе биде негативен.

Касемиро е главен дел од тимот на Реал Мадрид, исто како што и Жоао Феликс е клучен за Атлетико Мадрид.

Жоао Феликс е најскапиот трансфер во историјата на Атлетико Мадрид, тие за него платија 126 милиони евра. Оваа сезона ја почна со три асистенции на мечот со Хетафе, па Симеоне сигурно нема да даде зелено светло за негово заминување.

Преодниот рок трае уште две недели, Манчестер јунајтед веројатно ќе треба да се посвети на некои пореални цели.