24фудбал

Ал Келаифи: Реал Мадрид му нудеше многу повеќе на Мбапе отколку ние

Во интервју за „Ле Паризиен“, претседателот на ПСЖ, Насер Ал Келаифи вели дека понудата за Мбапе од Реал Мадрид била повисока отколку нивната.

Франција

Иако општото мислење е дека ПСЖ го убеди Мбапе да продолжи благодарение на политичкиот притисок и огромните пари кои му ги понуди, Ал Келаифи тврди дека Реал Мадрид му нудел повеќе.

„Не сакам да зборувам за мене, но во изминатите пет години изградив посебен однос со Килијан и неговото семејство. Тој има едно неверојатно семејство. Никогаш нема да ги заборавам првите шест состаноци со него и неговите родители кои беа во Монако во тоа време, тие никогаш не зборуваа со мене за пари. Никогаш! Затоа ги сакам толку многу, ја почитувам едукацијата која ја добива од нив. Оваа година се зборуваше многу, но за парите не се дискутираше се до последните неколку недели. Луѓето велат дека тој останал поради пари, но Реал Мадрид му понуди многу повеќе од нас! Минатото лето тие сакаа да платат 170 милиони евра. Тие пари сега сакаа да ги инвестираат во негова плата бидејќи доаѓа како слободен“, вели Ал Келаифи.

Ал Келаифи негира дека Мбапе одлучува за тоа кој ќе биде тренер и кои нови играчи би требало да дојдат.

„Престанете да го велите тоа. Ќе бидам многу јасен: Јас сум претседател и јас одлучувам. Килијан никогаш не побарал некој играч или тренер. Ве уверувам“.