24фудбал

Родриго откри како ја одбил Барселона и потпишал за Реал Мадрид

Родриго беше ѕвездата на Реал Мадрид во клучните мечеви од Лигата на шампионите, тој сега открива дека можел да заврши и во Барселона од Сантос.

Шпанија

Реал Мадрид за Родриго плати 45 милиони евра, тоа изгледаше многу за 17-годишен фудбалер кој тогаш имаше само 49 сениорски меча. Но како одминува времето, сумата се чини дека е оправдана.

Зборувајќи за подкастот Жота Жота, Родриго откри дека и Барселона се интересирала за него и кажа како го одбрал Реал Мадрид.

„Се вратив дома по фудбалски меч. Имав дрес од Реал Мадрид во мојот дом и татко ми влезе во собата со тој дрес и уште еден дрес од Барселона и ми рече: „Сега бирај“. И јас го одбрав тој од Реал Мадрид“, вели Родриго.

Во тој период тој имал понуди од двата клуба. Неговиот татко имал договорено се со Барселона, фалел само уште потписот на Родриго, но фудбалерот сакал да оди во Реал Мадрид.

Во подкастот тој откри и еден интересен момент, како научил дека во Реал Мадрид не треба да се радува кога ќе даде гол, а неговиот тим се уште губи.

„Во моето деби за Реал Мадрид во подготовките, постигнав гол од слободен удар и славев. Кога отидов во соблекувалната, Марсело и Начо ми рекоа: „Кога губиш и кога ќе дадеш гол, ја носиш топката на центар, не го славиш голот“.