24фудбал

Џабе им се парите, сите го одбиваат ПСЖ ова лето

ПСЖ успеа да го убеди Килијан Мбапе да потпише нов договор, но клубот мака мачи да најде нов тренер и да донесе сериозни засилувања.

Франција

Благодарение на претседатели на држави, пари и понудена контрола во клубот, ПСЖ успеа да го убеди Мбапе да стави потпис на нов договор. Тоа им беше главната цел, и ја остварија. Но, освен тоа, работите не се одвиваат како што посакуваат челниците на клубот.

Маурисио Покетино наскоро и официјално ќе стане минато во ПСЖ, клубот трага по негов наследник, а засега доби три „корпи“.

Последен кој ги одби е Масимо Алегри. Тој синоќа имал состанок со луѓе од ПСЖ, на кој тие го побарале за нов тренер, но тој им кажал дека нема намера да го напушти Јувентус.

Истото се случи и со Жозе Мурињо кој остана верен на Рома.

Добија негативен одговор и од Зинедин Зидан, кој иако е слободен тренер, не сака да работи во ПСЖ, веројатно ја чека селекторската позиција во француската репрезентација која треба да ја добие по крајот на Светското првенство.

Слично е и со фудбалерите, за Чуамени нудеа повеќе пари отколку што му понуди Реал Мадрид, се обиде да помогне и Мбапе убедувајќи го играчот на Монако да му се придружи во ПСЖ, но тој го одбра кралскиот клуб.

Го сакаа и Погба, но ниту него не го добија, деновиве се очекува тој да стави потпис со Јувентус.

Реални се шансите да ја загубат и битката за Усман Дембеле иако таа се уште е неизвесна. Се шпекулира дека тој е блиску до потпис со Челси, но се уште нема ништо конкретно.