24фудбал

Меси, Нејмар, Мбапе, Ванда Нара... соблекувалната на ПСЖ е во хаос поради забави, кланови и привилегии

Весникот Л’Екип пишува за хаосот во соблекувалната на ПСЖ, атмосферата е тензична поради кланови, привилегиите кои ги уживаат одредени фудбалери и честите забави.

Франција

„Светците“ летоска креираа дрим-тим откако потпишаа со Лео Меси, Серхио Рамос, Џиџо Донарума и Џини Вајналдум. ПСЖ доминира во Лига 1, се пласираше во осминафинале од Лигата на шампионите,  до овој момент целите се остварени но како што пишува Л’Екип, во секој момент работите можат да тргнат во погрешна насока.

Причината е тоа што владее хаос во соблекувалната, атмосферата е тензична поради кланови, привилегиите кои ги уживаат одредени фудбалери и честите забави за кои нема дозвола.

Се започнува на голот, проблемот настана со пристигнувањето на Џиџо Донарума, играч кој не бил на листата со желби на Маурисио Покетино, тренерот верувал во Кејлор Навас. Според пишувањата на Л’Екип, Навас го прифатил предизвикот и двајцата голмани направиле пакт дека ќе се натпреваруваат за место помеѓу стативите, додека тренерскиот персонал ќе одлучува за ротација. Но потоа настанале проблеми откако агентот на Џиџо Донарума, Мино Рајола јавно почна да го критикува Маурисио Покетино за начинот на кој ја менаџира ситуацијата.

Весникот потоа објаснува дека во соблекувалната има два клана, еден кој зборува француски и друг кој зборува шпански, а балансот особено се променил со пристигнувањето на Лео Меси. Нејмар сега е поблизок со Аргентинецот и помалку време поминува со Килијан Мбапе, кој сега повеќе гравитира околку фудбалерите кои зборуваат француски. Сето ова може да го забрза неговото заминување од Париз.

Л’Екип додава дека проблем е и самиот Нејмар, кој не е комфорен со новата улога која ја има, Бразилецот за малку ќе добиел сериозна казна на почетокот од сезоната. Напаѓачот не се појавил на настан посветен на спонзорите иако присуството било задолжително. Раководството на клубот било бесно, сакало да го удри Нејмар по џебот, но на крајот било решено да нема казна за инцидентот да не излезе на виделина.

Привилегиите кои ги уживаат одредени фудбалери е уште еден проблем во соблекувалната. Л’Екип пишува дека на еден од последните утрински тренинзи, двјаца фудбалери од Јужна Америка (имињата не им се откриваат), се појавиле на тренинг видно заморени поради тоа што се забавувале до раните утрински часови. Двајцата одбиле да тренираат без да побараат дозвола од тренерскиот персонал зошто сметале дека нема потреба да тренираат. Пречела и забавата која Лео Меси ја организирал за освојувањето на „Златната топка“. Следниот ден, Лео Меси и Леандро Паредез не се појавиле на тренинг а официјалното соопштение на клубот беше дека двајцата имаат „симптоми на гастроентеритис“. Останатите фудбалери кои биле на забавата а без проблем се појавиле на тренинг, не им се допаднало тоа што се ескивира на ваков начин и сметале дека Покетино и Леонардо треба да покажат поцврста рака.

За крај, Л’Екип вели дека проблем бил и скандалот на Мауро Икарди и Ванда Нара, на крајот од октомври, напаѓачот побара неколку слободни денови со цел да се справи со семејната драма откако беше обвинет за неверство и беше побаран развод. Неколку играчи не биле среќни од ваквиот развој на настаните, а додатно се налутиле кога голгетерот отпатува во Италија и доби додатно време да си го спаси бракот.