24фудбал

Лапорта: Барселона е над Меси, не можеме да го уништиме клубот

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта објасни зошто не можеле да го потпишат договорот со Лео Меси.

Шпанија

Лапорта долго време ветуваше дека Меси ќе потпише нов договор но тоа не се случи, клубот синоќа излезе со соопштение дека Лео си заминува.

Финансиските издатоци на Барселона за плати се огромни, клубот не може да направи простор за новиот договор на Меси а да не ги прекрши правилата. 

„Лео сакаше да остане во Барселона, и ние сакавме тој да остане. Сакам да им се заблагодарам на сите кои учествуваа во преговорите. Имаше многу аспекти кои требаше да се преговараат“, вели Лапорта.

„Тој е најдобриот фудбалер во светот и има и други понуди, се разбира“.

„По сите овие процеси, доаѓа момент кога треба да речете „доста е“. Треба да направите анализа и да ги видите бројките“.

„Во Ла Лига има правила. Ние мислевме дека тие може да бидат пофлексибилни, но тоа не е изговор. Не можевме да ги испочитуваме правилата“.

„Лео заслужува се. Тој докажа дека ја сака Барса. Има свои корења во Барселона. Тажен сум но и уверен дека ја направивме најдобрата работа во интерест на Барселона“.

„Наследството на аМеси е големо, тој креираше историја. Тој е најуспешниот фудбалер во историјата. Се надевам дека можеме да ја надминеме ситуацијата“.

„Новата ера стартува сега. Ќе има пред и по Лео, исто како што било и со други големи фудбалери во историјата на Барселона“.

„За време на преговорите, Меси добиваше понуди и од други клубови. Ние ги водевме преговорите два месеци на разни нивоа. Прво се договоривме за две години, па потоа за пет години“.

„Доколку фер-плејот продолжи да биде ригиден, фудбалерите треба да се помират и да разгледуваат други решенија“.

„Лео сакаше да остане, тој не е среќен што си оди. Но знае дека му посакуваме се најдобро каде и да оди. Барса секогаш ќе биде негов дом“.

„Јас сакав денеска да сум тука со Лео, но треба да живееме во реален свет. Сакам да сонувам, но ова е реалноста која се случува. Не е лесно“.

„Сумата за плати е 110 проценти од вкупниот приход на клубот, немаме простор за нови плати“.

„Правилата на Ла Лига се регулирани со финансискиот фер плеј, немаме простор“.

„Бројките кои ги видовме кога дојдовме во клубот беа многу полоши од тоа што ни беше кажано. Загубите се поголеми отколку што очекувавме“.

„Трошиме повеќе отколку што очекувавме и сегашните плати кои ги даваме се огромни. Сето тоа ни создава пречка за да го испочитуваме финансискиот фер плеј“.

„Клубот е стар повеќе од 100 гоодини и тој е над се, дури и над најдобриот фудбалер во светот. Секогаш ќе му бидеме благодарни за се што направил за нас. Клубот е пред сите играчи и претседателот“.

„Сакавме да преземеме ризик. Но сфативме каква е реалната ситуација и дека клубот ќе го ставиме во голем ризик. Мора да се справуваме со сумата за плати која е оставена од претходното раководство. Ризик е да ги раскинуваме сегашните договори. Не можеме да го уништме клубот“.