24фудбал

Фернандеш разочаран од Барса: Ми го раскинаа договорот преку мејл, не се јавија ниту да кажат збогум

Матеус Фернандеш е разочаран од Барселона, не само што не бил третиран како професионален фудбалер, „каталонците“ не покажале класа ниту кога се разделиле.

Шпанија

Во јануари 2020 година, Барселона го купи Матеус Фернандеш од Палмеираш за 7 милиони евра, плус додатни 3 милиони евра во бонуси.

Бразилецот сепак никогаш не беше промовиран како ново засилување, нешто невидено во модерната историја на „каталонците“ и во дресот на Барса во сезоната 2020/21, одигра само 17 минути.

Минатиот месец, Барселона соопшти дека ја прекинала соработката со Бразилецот, иако тој имаше договор до 2025 година.

Фудбалерот од средниот ред во разговор со Глобоеспорте вели дека е разочаран од Барса, не само што не бил третиран како професионален фудбалер, „каталонците“ не покаже класа ниту кога се разделиле.

„Не ми се веруваше кога ја добив пораката. Бев дома, се подготвував да излезам со сопругата кога добив порака од Барса, ме прашаа дали се уште го користат истиот мејл. Им одговорив позитивно и набрзо добив мејл. Не го разбрав најдобро, па им го препратив на агентот и адвокатот. Ми рекоа дека сум добил отказ. За кратко време беше објавено и низ медиумите“ - вели Фернандеш.

„Ниту еден разговор, ништо. Не ми се јавија ниту да ми кажат збогум“.

„Како дете сонував еден ден да играм за Барселона, но кога пристигнав, не ме третираа како професионален фудбалер. Без разлика дали заработувам малку или многу, без разлика дали сум го сторил ова или тоа, јас сум фудбалер на Барса“.

„Дали играм или не играм зависи од мене, од клубот и од другите играчи, но сакам да ме третираат како сите други“.