24фудбал

Рамос во солзи: Ова е еден од најтешките моменти во мојот живот... но еден ден ќе се вратам во Реал!

Серхио Рамос се збогува со Реал Мадрид, дефанзивецот попладнево се појави на прес конференција, им се заблагодари на сите и порача дека еден ден одново ќе се врати на „Сантијаго Бернабеу“.

Шпанија

Емотивно појавување на Серхио Рамос пред новинарите, дефанзивецот по 16 години заминува од Реал Мадрид па не му беше лесно да каже збогум.

„Ова е еден од најтешките моменти во мојот живот. Никогаш не сте подготвени да му кажете збогум на Реал Мадрид, но дојде време да му кажам збогум на Реал Мадрид. Дојдов тука заедно со татко ми...“ – рече Серхио Рамос, кој не можеше да ја доврши реченицата и почна да плаче.

„Сакам да му се заблагодарам на семејството, кое секогаш беше покрај мене, и во добри и во лоши моменти. Сакам да му се заблагодарам на клубот, на претседателот, на персоналот, на тренерите и на соиграчите. Секако, сакам да им се заблагодарам и на фановите, би сакал да можев да кажам збогум на нашиот стадион „Сантијаго Бернабеу“. Секогаш ќе го носам Реал Мадрид во срце, освоивме 22 титули со многу напор, посветеност и професионализам. Завршува една прекрасна и уникатна етапа во мојата кариера. Ниту едно место нема да биде исто како ова, но возбуден сум за иднината, сакам да покажам дека можам да играм на највиско ниво и се надевам дека ќе освојам уште една или две титули“.

„Но ова не е збогум засекогаш, би рекол „hasta luego“ (ќе се видиме подоцна), бидејќи еден ден ќе се вратам“.