24фудбал

ФФМ: Протоколот на УЕФА не дозволува Заев да се сретне со фудбалерите

ФФМ соопшти дека строгите ковид-19 протоколи на УЕФА не дозволуваат средба на било кој со фудбалерите, ниту на лица од државниот врв.

Лига на Шампиони

Синоќа во интервју за телевизијата „Клан“, премиерот Зоран Заев се пожали дека ФФМ не му дозволува да има средба со фудбалерите пред тие да заминат на Европското првенство. Тој инсистираше дека средба сепак ќе има и покрај ставот на ФФМ.

„Фудбалерите ме поканија да се сретнеме и јас со задоволство прифатив, но председателот на ФФМ, гопсподинот Сејдини не дозволи средба, ниту во просториите на федерацијата, ниту во ресторан. Сепак, јас и фудбалерите деновиве ке се сретнеме и веке ги поканив таа средба да биде во Владата“, изјави Заев за „Клан“.

Утринава ФФМ излезе со соопштение во кое објаснува зошто никој надвор од „меурот“ не смее да се сретне со фудбалерите пред Европското првенство.

Соопштението на ФФМ ви го пренесуваме во целост:

Фудбалската федерација на Македонија упатува искрена благодарност кон сите кои искажуваат честитки кон нашите репрезентативци пред историскиот настап на Европското првенство и имаат желба лично да им се обратат на фудбалерите со намера да им посакаат успех и добар резултат на натпрварите од Европскиот шампионат.

Но, истовремено, мораме одново да потенцираме дека согласно протоколите од УЕФА, како и јасните упатства кои ги имаме добиено, не сме во можност да организираме било каков прием за поединци или лица од државни институции од причина што одговорноста за заштита на фудбалските репрезентативци е огромна и мора да се почитува доследно затоа што последиците се големи.

Важноста за превенција поради строгите ограничувања за здравствена заштита и наметнатите протоколи од УЕФА кои ги диктираат условите за било каква активност која не е поврзана со програмата на репрезентацијата пред Европското првенство, а уште повеќе што во тимот веќе има потврдено позитивен случај на Ковид-19 ја потврдуваат лицата задолжени за здравствениот протокол во репрезентацијата, лекарскиот тим и д-р Невзат Јонузи, задолжен за спроведување на т.н. протокол на УЕФА за враќање во игра во услови на пандемија. 

- Секое непочитување на мерките и правилата утврдени во протоколот на УЕФА може да доведе до дисциплински мерки во согласност со дисциплинските правила на УЕФА и да го загрозаат учеството на тимот во завршниот турнир. Самиот концепт на заштитен меур („team bubble“), има за цел да создаде заштитено и ограничено опкружување за играчите и техничкиот персонал во текот на нивниот престој во хотел и за време на патување во завршниот турнир. 

Делегацијата на тимот мора да избегне каков било контакт со кое било лице надвор од нивниот ,,меур,, за да се минимизира ризикот од зараза до секој можен степен, истакнува д-р Невзат Јонузи, задолжен за спроведување на т.н. протокол на УЕФА за враќање во игра во услови на пандемија.

Се надеваме на целосно разбирање и дека заедно ќе придонесеме за поголема заштита на репрезентацијата пред заминување на Европското првенство. 

Special COVID-19 mitigation measures for teams.pdf 

UEFA Return to Play Protocol v4.pdf