24фудбал

ФФМ ѝ предаде терен со вештачка трева на Академија Пандев (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија денеска во Струмица во употреба пушти терен со вештачка трева наменет за Академија Пандев.

Македонија

Од Академија Пандев синоќа најавија дека ќе истапат од Првата лига доколку ФФМ не го прилагоди статутот со законот за Спорт, но денеска нивни претставници беа на примопредавањето на терен со вештачка трева.

Целиот проект чини 280.000 евра, а средствата се обезбедени преку Хет-трик програмата на УЕФА.

На официјалното отворање на теренот за Академија Пандев беа присутни раководните луѓе на ФФМ, предводени од претседателот Муамед Сејдини, градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски и претставникот на Академија Пандев, Мартин Алаѓозовски.

„За Фудбалската федерација на Македонија денот како денешниот кога отвораме нови фудбалски терени секогаш се посебни и значајни. Овој терен е првиот со најмодерна вештачка трева во Македонија, без гранули и во вредност од 280. илјади евра како помош од ФФМ и УЕФА за фудбалскиот регион од кој секогаш произлегуваат македонски фудбалски репрезентативци“, вели претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

„За нас е исклучително важно што докажавме дека ФФМ е способна да реализира важни проекти за македонскиот фудбал, од изградба на инфраструктура до обезбедување услови за најдобрата репрезентација за пласман на големи натпреварувања“. 

 „Сигурни сме дека вложувањето во инфраструктурата ќе овозможи клубовите да поставуваат нови цели кои ќе значат успех и за нив, но и за нашите национални тимови. Токму затоа вложуваме во сите региони во државата. Сакаме да им помогнеме на сите, нашата цел е да направиме заеднички напори и вложувања со клубовите и општините, а сето она што се работи во европските фудбалски центри, мора да се направи и во Македонија“. 

„Со здравје да се користи новиот терен и нека биде поттик за сите други да вложуваат во фудбалот“.