24фудбал

Вработените во спортски обложувалници протестираа пред Владата: Издржуваме фамилии, плаќаме кредити, бараме само да работиме

Дел од вработените во споротските обложувалници денеска протестираа пред Владата против новиот предлог закон за игри на среќа според кој треба да нема обложувалници во радиус од 500 метри од училишта и средни школи.

Македонија

Тие сметаат дека законот е апсурден и може да донесе само штета, голем дел од вработените да останат на улица. Тој нема потреба да се донесе бидејќи ионака има закон кој забранува влегување на малолетни лица во обложувалнците, а според нив тој строго се почитува.

„Ние вработените во спортските обложувалници сме сериозно загрижени за последиците по нашата егзистенција доколку се усвојат новите предлог-измени на Законот за игри на среќа. Донесувањето на ова законско решение ќе значи затворање на сите објекти и оставање преку ноќ без егзистенција 3.500 вработени во обложувалниците, а околу 10.000 вработени во целата индустрија. Покрај тоа, евентуалното донесување на овој закон ќе има последици и по останатите субјекти, мали семејни компании со кои соработуваме, а чија заработувачка исклучиво зависи од нашето работење. Ова е огромна штета која може да им се нанесе на голем број семејства кои ќе останат без своите основни приходи“, велат вработените во спортските ообложуваланици.

„Како причина за донесување на новиот предлог-закон се наведува заштита на малолетниците. Сакаме јасно да ставиме до знаење дека ние целосно го почитуваме моменталниот закон кој го регулира ова, а во кој е строго пропишана забрана за пристап и учество на малолетниците во игрите на среќа. Ако во наш објект влезе лице за кое се сомневаме дека е малолетно, ние како вработени сме должни да побараме документ за идентификација и доколку лицето не поседува таков документ, го замолуваме да го напушти објектот. Ние немаме интерес и не сакаме малолетници во нашите објекти. Работиме чесно и според сите закони“.

„Во услови на ваква кревка економија и економска нестабилност, се прашуваме дали државата е свесна што ќе се случи доколку се затворат сите објекти од индустријата? Приредувачите на игри на среќа се најголемите даночни обврзници и полначи на државната каса, преку кои државата секоја година добива милиони евра во буџетот“.

„Успеавме да ја пребродиме и најтешката година на пандемијата, никој од нас не беше отпуштен, дополнително имавме и вработувања на луѓе кои останале без работа со кризата, тие беа примени во нашите фирми. Иако нашиот сектор беше меѓу првите кој беше затворен, сепак работодавците обезбедија редовни плати и придонеси за сите вработени, не дозволувајќи да останеме на улица“.

„Издржуваме фамилии, плаќаме кредити и бараме само да работиме. Ако се усвојат законските измени, ќе излеземе сите на улица, на протест. И не само ние вработените од спортските обложувалници, туку и сите кои се засегнати од вакво законско решение“.