24фудбал

Лаутаро Мартинез даде зелено светло за кратење на платите и порача: Останувам во Интер со Конте или без него!

Лаутаро Мартинез вели дека му е јасно за потешкотиите со кои се соочува Интер, сака да најде решение за платите и порача дека останува во Милано без разлика дали Антонио Конте ќе продолжи или ќе замине.

Италија

Интер се радува на Скудетото, прво по 11 години, но во исто време фудбалерите добија непријатна вест. „Нероаѕурите“ се соочуваат со финансиски проблеми поради пандемијата на ковид-19 и вчера претседателот Стивен Жанг побарал од играчите да се откажат од платите за ноември и декември.

Лаутаро Мартинез е првиот кој јавно проговори на оваа тема и прифаќа да седне на маса со раководството на клубот.

„Јасна ми е ситуацијата во која се наоѓаме. Ќе разговараме, ќе најдеме решение. Сите заедно мораме да најдеме заеднички јазик. Дали сме бесни? Воопшто не. Напротив, спокојни сме и фокусирани на случувањата на теренот“ – вели Аргентинецот.

Минатото лето често се говореше дека тој ќе се пресели во Барселона, но до трансфер не дојде.

„Да, точно е дека имаше добри шанси да завршам во Барселона. Но сезоната заврши доцна, имаше проблеми со ковид-19 и на крајот решив да останам. Каква само среќа имав! Одлуката беше исправна“.

Во последно време одново се говори за негов трансфер во Ла Лига, но сега во редовите на Реал Мадрид.

„Не знам ништо. Има многу шпекулации, но јас само уживам во моментов и не мислам на ништо друго“.

Иитер и Лаутаро Мартинез подолго време преговараат за продолжување на соработката и се очекува во скоро време да пристигне официјално соопштение.

„Не знам дали е завршена работа, но преговараме со клубот, мојот адвокат е во контакт со директорите. Верувам дека ќе постигнеме согласност. Среќен сум тука, што сум дел од овој проект“.

Поради финансиските проблеми, Антонио Конте би можел да замине по крајот на сезоната, стратегот упорно ги одбегнува прашањата на новинарите за иднината и тоа само ги подгрева шпекулациите.

„Се надевам дека ќе остане, изминативе две години заедно забележавме голем напредок. Ми се допаѓа соработката со Конте но дури и тој да замине, јас сум фудбалер на Интер и ќе продолжат да работам за Интер“.