24фудбал

Хаосот во Премиерлигата продолжува, Астон Вила побара одложување на пресметката со Евертон

Дури три заостанати натпревари би имала Астон Вила доколку им биде одложен и дуелот со Евертон во недела предвиден во рамките на 19 коло од англиската Премиерлига, која несомнено се соочува со голем хаос по мутацијата на коронавирусот која настана на Островот.

Англија

Целиот тим на Астон Вила се наоѓа во самоизолација откако претходната седмица одеднаш се појавија дури 14 позитивни случаи на ковид-19, меѓу кои девет фудбалери и пет лица од стручниот штаб.

Тренинг центарот на Астон Вила веднаш беше затворен, а истиот ќе може да се отвори во сабота, на еден ден пред мечот со Евертон во рамките на предвиденото 19 коло, што е мошне краток период за подготовки за тој дуел.

Од таа причина, Астон Вила побарала од Премиерлигата дуелот во недела со Евертон да се одложи за друг термин, од причина што фудбалерите немаат тренинзи речиси две седмици, па постои ризик да се отиде директно од самоизолација на натпревар.

Претходната седмица Астон Вила истрча со младинци на дуелот со Ливерпул во ФА купот, каде сосема очекувано загуби со 1-5, а денеска требаше да гостуваат кај Тотнем, меѓутоа поради настанатата ситуација истиот дуел беше одложен, па наместо Астон Вила, Тотнем го доби Фулам за противник, што наиде на бурни реакции од страна на тој клуб бидејќи мошне доцна е известен.

Доколку се одложи и дуелот со Евертон во недела, на Астон Вила ќе му преостанат дури три натпревари кои ќе треба да ги доигра во периодот кој претстои, сите три на домашен терен, а освен Евертон, на програмата им се уште и Њукасл, односно Тотнем.