24фудбал

„Нејмар танцува врз гробовите на жртвите од коронавирусот“

Бразилците се бесни на однесувањето на Нејмар кој во време на коронавирус прави голема забава во својот дом, критиките и обвинувањата стигнуваат од сите страни, некои се морбидни но најдобро доловуваат што прави разгалениот Бразилец во моментов.

Јужна Америка

Нејмар е обвинет за танцување врз гробовите на жртвите од коронавирусот. Дел од Бразилците немаат милост кон нивниот славен сограѓанин кој се поставува над законот и над сите разумни однесувања во период на пандемија.

Забавата на Нејмар почнала во саботата и ќе трае најмалку пет дена. Таа се случува во голема куќа на фудбалерот сместена во Мангаратиба, град на плажа во Рио де Жанеиро.

Коронавирусот во Бразил уби 191,146 луѓе, тоа е втора држава со најмногу жртви од пандемијата.

Властите ја откажаа славната прослава за новогодишната ноќ на плажата Копакабана, а здравствените експерти советуваат луѓето да останат во своите домови за празниците.

Но тоа како да не важи за Нејмар кој организира голема забава. Првата информација велеше дека станува збор за журка со 500 луѓе, за потоа да биде демантирано дека е за 150 негови пријатели.

„Организација на таква забава е ... најодвратната навреда, навреда за 190,000 тажни семејства, тоа е како да се игра фанк музика врз гробовите на луѓето кои ги загубија животите од коронавирусот, да се нема никаква почит за здравствените работници кои во опасни услови се обидуваат да го контролираат ковид-19“, напиша Јука Кфоури, најпознатиот бразилски фудбалски новинар.

Обвинувања за Нејмар стигнуваат од сите страни, а некои од неговите луѓе изјав дедка станува збор за лажна информација. Сепак Си-Ен-Ен Бразил вели дека има потврда за забавата од една самба група која била присутна таму.