24фудбал

Пепе со глупавиот удар врз Алиоски си ја искомплицира ситуацијата во Арсенал

Легендата на Арсенал, Јан Рајт смета дека Николас Пепе може да биде во сериозна неволја кај тренерот Микел Артета поради црвениот картон кој го доби кога со глава го удри Алиоски.

Англија

Николас Пепе е најскапото засилување во историјата на Арсенал, но никако да ги оправда очекувањата. Црвениот картон направен поради глупост само дополнително му го искомплицира животот во Северен Лондон.

Јан Рајт кој сега работи како фудбалски аналитичар, смета дека ударот врз Алиоски може скапо да го чини Пепе.

„Ова е еден од оние натпревари кои Пепе би сакал воопшто и да не се случеле. Ударот во глава врз Алиоски не беше силен, но не смеете тоа да го направите. Судејќи според тоа што досега го направи во Арсенал, ова беше последната работа која требаше да му падне на памет да ја направи“, вели Јан Рајт.

„Тој треба да биде фокусиран на тоа за што е донесен во Арсенал, асистенции и голови. Кога ќе видите дека го направи тоа откако зборуваше како му треба повеќе време на теренот за да напредува, мислам дека ќе има сериозен проблем со Артета. Во сериозна неволја е“.

Артета веќе покажа дека е немилосрден кон недисциплинираните фудбалери, тоа најдобро го знаат Озил кој веќе не е во тимот, а го почувствува и Матео Гендузи кој прво беше тргнат од тимот, а потоа пратен на позајмица во Херта.