24фудбал

„Ако продолжиме вака ќе немаме 11 играчи да ја завршиме сезоната“ – интервјуто на Клоп кое не беше емитувано во Британија

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп уште еднаш ги критикуваше Скај и БТ за распоредот во Премиерлигата и порача дека ќе немаат здрави 11 играчи да ја завршат сезоната доколку продолжат со вакво темпо.

Англија

Оваа сезона има прилично густ распоред, се игра фудбал на секои три дена а тоа носи чести повреди.

По синоќешната победата над Лестер, Јирген Клоп уште еднаш го крена гласот и побара од Скај и БТ да седнат и да пронајдат некаков компромис околу распоредот, на Германецот особено му пречи тоа што треба да се игра во 13:30 во сабота.

„Не ми се верува колку тешко е да се преговара за промени. Луѓето прашуваат зошто толку доцна правам замени, а одговорот е едноставен, постојано на ум имам дека некој ќе се повреди. Не можеме порано да правиме измени, бидејќи некој може да се повреди и да останеме со девет играчи“ – почна Јирген Клоп во разговорот со новинарот Шривс од Скај.

„Никогаш не сум мислел на нас кога се бунам, мислам на сите играчи, мислам на англиските фудбалери, на сите оние фудбалери кои следното лето треба да играат на Европско првенство. Доколку вие (Скај) не почнете да разговарате со БТ, толку од нас. Скај и БТ мора да разговараат“.

„Доколку продолжиме да играме во среда навечер и потоа во сабота во 13:30 часот, ќе немаме 11 здрави фудбалери да ја завршиме сезоната. Сите од топ 6 клубовите се во иста ситуација. Но знам дека на ТВ куќите не им е гајле за ова, и тоа е проблемот“.

Шривс се обиде да му посочи на Клоп дека греши што го обвинува Скај, но Клоп веднаш го пресече.

„За ова дискутираме подолго време и ништо не се случува. Од сите страни само слушам дека било тешко. „Тешко е тука, тешко е таму“. Не, тешко им е на фудбалерите. Некој што седи во канцеларија треба да донесе одлука. Тоа не ми изгледа тешко“.

„Но ако сакате да продолжиме вака и сакате да видите спектакл... Задоволен сум од натпреварот против Лестер но останавме без уште еден фудбалер од средниот ред. Ја погледнавте нашата клупа, немаме многу играчи. Но не се работи за нас“.

Шривс се обиде да го прекине, но Клоп продолжи: „Сите оние кои ќе речат дека сум себичен, не сум себичен. Јас сакам само да имаме нормална дискусија. Не знам зошто, можеби е поради начинот на кој говорам, кога ќе кажам нешто, другите одма велат, „Зборува за Ливерпул“. Не зборувам за Ливерпул, зборувам за сите фудбалери. Вчера Пике заработи сериозна повреда на коленото, денес мислам дека Сака заработи повреда на коленото, момчето настапи на сите три меча за Англија изминативе десет дена. Луѓето велат дека можеме да ротираме, кого да ротираме? Имаме офанзивци, останатите се деца. Таква е ситуацијата. ОК, ќе се бориме со тоа што го имаме на располагање, но ТВ куќите мора да почнат да разговараат“.

Шривс му одговори: „Разбирам што велиш, не мислиш само на Ливерпул, зборуваш за здравјето на сите фудбалери“.

Двајцата потоа разменија неколку зборови а Шривс додаде: „Би сакал само да нагласам дека ТВ куќите не се единствените виновници“.

Клоп веднаш реагираше: „Да се игра во среда навечер и потоа во сабота во 13:30 часот е проблем само поради ТВ куќите“.

„Но клубовите се сложија на ова“ – одговори Шривс.

„Луѓето ми велат, ако сакаш да го промениш ова потребен е состанок на акционерите. За што? За што? И потоа барате повеќе пари. За што?“ – продолжи Клоп.

„Имаме два тима што играат Лига на шампиони во вторник навечер, два тима што играат во среда навечер. Потоа имаме тимови кои играат Лига Европа во четврток навечер. И што правите вие, бидејќи вие први го бирате тимот, потоа БТ не избира нас, играме во среда навечер и следниот натпревар во 13:30 часот“.

„Играме против Аталанта во среда навечер и потоа против Брајтон во сабота во 13:30 часот. Предвремен подарок за Божиќ. Кога ќе се појавиме таму ќе ни се тресат нозете. Мислам да им ги подарам бодовите. Не можеме да направиме 10 или 11 промени, тоа е невозможно. Па затоа господа почнете да дискутирате и да носите одлуки“.

Шривс потоа му рече: „Работите се малку покомплексни Јирген, не се само ТВ куќите, инволвирани се многу луѓе. Исто така, клубовите ги прифатија договорите“.

Тренерот на Ливерпул одговори: „Ако некој уште еднаш ми спомне договори ќе полудам, договорите не се направни за сезона кога имаме пандемија на ковид-19. Сите мораме да се адаптираме. Вие се адаптирате, јас се адаптирав. Стоите тука пред мене со маска. Дали пред една година сте помислиле дека ќе одите некаде и ќе морате да носите маска и дека ќе морате да стоите на дистанца? Се се промени, но не и договорот со ТВ куќите, „Не, тука пишува така, па ќе продолжиме така“. Но се останато се промени! Цел свет се промени“.

Интервјуто на Јирген Клоп не беше пренесувано во Велика Британија, но ТВ куќите од странство кои ги имаат правата за Премиерлигата во целост го прикажаа излагањето на Германецот.