24фудбал

Хрватска не издржа до крај, Франција ја потврди својата класа и стигна до втората светска титула (ВИДЕО)

Се спушти завесата од Светското првенство во фудбал кое се одржа во Русија, победникот на крајот од турнирот е Франција која во големото финале ја совлада Хрватска.

СП 2018

Франција стигна до втората титула на светските првенства откако во големото финале од Мундијалот во Русија со 4-2 ја совлада Хрватска која зад себе испиша историја со самиот пласман во финалната битка за светската титула.

Манџукиќ со еден автогол во 18. минута донесе почетна радост за Франција, а голот стигна по една нафрлена топка од страна на Гризман, напаѓачот на  Коцкестите несреќно ја зафати со глава а го изненади Субашиќ кој немаше прилика за интервенција.

Десет минути подоцна Перишиќ на убав начин го даде одговорот на Коцкестите откако упати неодбранлива топка кон голот на Лорис, а со тоа навести и супер интересно продолжение на средбата во Москва на Лужњики  арената.

Сепак, Франција со водство од 2-1 замина на паузата по голот на Гризман од пенал во 38. минута. Аргентинскиот арбитар Питана ја прегледа снимката со помош на ВАР технологијата за да се увери во играњето со рака во својот простор на Перишиќ, сепак, ова ќе донесе  и поделени мислења во јавноста најмногу поради положбата во која се најде хрватскиот офанзивец.

Триколорите во 59. минута со голот на Погба дојдоа и до водство од 3-1, а веќе шест минути подоцна Мбапе зголеми и на 4-1, со тоа што сонот на Хрватска стана се подалечен, и покрај голот на Манџукиќ во 69. минута по катастрофалната реакција на Лорис откако сакаше да со финта да го надмудри напаѓачот на Коцкестите кој ја искористи дадената шанса за конечни 4-2 на Лужњики.

Статистички Хрватска имаше доминација во секој сегмент од играта во финалната пресметка, со 62% имаше водство во поседот на топката, а имаше и повеќе обиди кон противничкиот гол, вкупно 15 од кои само 3 во рамките. На спротивната страна Триколорите имаа 8 обиди од кои 6 беа во рамките.