24фудбал

Бетмен велит: Eстади Сиутат де Валенсија, местото каде паѓаат фаворитите

Естади Сиутат де Валенсија, домот на Леванте, е сместен во квартот Ориољс, има капацитет од точно 25,354 гледачи и терен со димензии 107 на 70 метри

Колумни
Естади Сиутат де Валенсија заедно со Камп Ноу во Барселона и Рејно де Навара во Памплона уште минатата година доби привилегиран статус како еден од трите стадиони на кои Реал Мадрид мачи вистинска мака во последниве неколку години, а по мечот одигран на 18-ти септември годинава стадионот на, условно речено, помалиот клуб од Валенсија, Леванте, само го потврди епитетот на место на кое големците паѓаат на колена. Или попрецизно, место на кое супер-ефикасниот Реал Мадрид на Жозе 180 минути не успеал да постигне гол.
 
 
Леванте, најпријатното изненадување од воведните 11 кола во Ла Лига, со пласманот на четвртата позиција, е формиран во 1909 година, цела декада пред најпознатиот тим од Валенсија, истоимениот и многу поуспешен клуб од овој град. Но, сезоната е долга и рано е за калкулации, иако опстанокот во Ла Лига сеуште останува императив за четата на Хуан Игнасио Мартинез. 
 
 
Ако ги послужи среќата и добрата форма, благодарение на одличната атмосфера која се создава на Естади Сиутат во Валенсија, којзнае каде може да  заврши оваа сезона за Леванте, тимот кој на овој стадион игра од неговата официјална инаугурација во 1969 година. Првиот натпревар на стадионот го одиграле градските ривали, опстојувајќи на традицијата да си гостуваат меѓусебно при отворањето на новите стадиони, нешто што и Леванте го направил во 1923 година кога Валенсија за прв пат истрачала на својата „Местаља“.  
 
 
Стадионот сместен во квартот Ориољс е со капацитет од точно 25,354 гледачи, има терен со димензии 107 на 70 метри, односно по два метри во ширина и должина помал од теренот на Камп Ноу. Не случајно го спомнуваме Камп Ноу, бидејќи на прв поглед „од горе“ Естади Сиутат неодоливо потсетува на неговиот „голем постар братучед“ од Барселона. Трибините обоени во блау-грана тоновите, како и покривањето на само главната од нив, се оние сличности кои на прв поглед стадионот ги има со оној во соседна Каталонија.
 
 
Од конструктивен аспект, стадионот на Леванте е направен во три „прстени“ но проектот предвидувал негово зголемување доколку се јави потреба - со што капацитетот на истиот би се зголемил дупло и би собирал околу 50.000 гледачи. Но, потенцијалот за експанзија на Естади Сиутат не е причината поради која и ден денес фасадата на стадионот не е оформена до крај, или подобро речено, е само „закрпена“ и на повеќе места зјае празнината од поттрибинскиот простор кога гледате од надвор, а кога ќе влегувате во него, гледајќи му го скелетот, чекорејќи точно под трибините, повеќе се чувствувате како да се наоѓате на градилиште, отколку на стадион. Довршувањето на стадионот виси во воздух откако првите луѓе на Леванте пред неколку години пројавија интерес за продавање на овој стадион и градење на нов, кој од три страни ќе биде опкружен со водена површина. 
 
 
Но дотогаш, фаворитите сеуште ќе треба да се снаоѓаат на пеколната атмосфера која ја прават малкуте но пасионирани фанови на овој клуб од Валенсија.
 
Автор: Бетмен велит