24фудбал

Монументал гореше, се плачеше и пееше, светските шампиони првпат играа пред своите навивачи! (ВИДЕО)

Аргентина ноќеска со 2-0 ја победи Панама во пријателски натпревар, а атмосферата беше карневалска, светските шампиони првпат откако го освоија Мундијалот играа пред своите навивачи.

Јужна Америка

Лионел Скалони ја одбра истата стартна постава од финалето на Светското првенство, Аргентина доминираше на теренот, но не можеше да даде гол. 

Oтпорот на Панама беше скршен дури во 78. минута кога Алмада постигна гол за водство на Аргентина од 1-0, а Меси со прекрасен гол од слободен удар во 89. минута ги постави конечните 2-0.

По последниот судиски свиреж почна забавата. 80.000 луѓе кои имаа среќа да бидат на Монументал заедно со фудбалерите и нивните фамилии уште еднаш ја прославуваа титулата.

Сите имаа реплики од големиот трофеј, имаше и огномет, се пееше, се даваа изјави...

„Отсекогаш сонував за овој момент, да славам со вас. Да дојдам во својата земја и да го кренам трофејот од Копа Америка, и овој најголемиот од сите, мундијалскиот. Знам дека ова е наш ден за славје, но не сакам да ги заборавам сите играчи кои и претходно беа тука, кои исто така даваа се од себе на теренот за да го постигнеме ова. И тие се заслужни за овој трофеј, исто како и аргентинските навивачи“, рече Меси.