24фудбал

Седлоски: Да одиграме максимално, па по 180 минути ќе видиме кој ќе оди во групи

Шкупи утре со почеток од 21 часот на Арената „Тодор Проески“ го пречекува тимот на Балкани од Косово во плејоф дуел за влез во групната фаза од Конференциската лига.

Македонија

Тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски вели дека Балкани е сериозен и квалитетен тим. Шкупи мора да го одигра најдоброто за да дојде до посакуваниот резултат.

„Среќен сум што ги имаме сите играчи на располагање и што се подготвени. Немаме повредени и казнети и утре треба да одиграме трпеливо, паметно и најдобро што можеме. Мислам дека сме способни за такво нешто бидејќи ги гледам играчите деновиве“, вели Седлоски.

„Балкани е квалитетен противник штом дошол до оваа фаза. Утре е првото полувреме, а се надевам дека моите играчи ќе го дадат максимумот и ќе ги исполнат задачите кои ќе бидат договорени“.

„Добро го анализиравме противникот, пред месец ипол игравме и пријателска со нив во Струга, квалитетни се, а тоа што рекол нивниот тренер дека ќе се пласираат во групи, ќе видиме на теренот. После 180 минути ќе видиме кој ќе оди во групите“.

„Бевме тажни по поразот од Шамрок, но тоа е зад нас. Пред нас е нов предизвик, ново докажување. Мора да ги елиминираме грешките. Ние и со Динамо и Шамрок игравме добро, но грешките скапо не чинеа“.

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Бесир Демири вели дека ова е шанса која не смее да се пропушти.

„Го анализиравме противникот и мислам дека сме подготвени. Подобри сме, знаејќи го првенството на Косово, ама на терен нема слаби ривали. Оваа шанса не смееме никако да ја пропуштиме“, изјави Демири.