24фудбал

Сараево емотивно се раздели со капитенот Велкоски: Крле, ти благодариме за сè!

Раководството на ФК Сараево емотивно се збогува со Крсте Велкоски откако му го раскина договорот кој му траеше до јуни 2023 година.

Македонија

Сараево му се заблагодари на македонскиот напаѓач, Крсте Велкоски за доприносот кој го имаше во двата наврати во кои настапуваше за клубот.

„Крсте Велкоски и ФК Сараево официјално го раскинаа договорот кој претходно важеше до 31. мај 2023 година. Велкоски остави неизбришив белег во двата наврати во кои беше на Кошево. Со своите голови, асистенции и освоени титули засекогаш ќе остане запишан со златни букви во историјата на нашиот клуб“, стои во соопштението и продолжува:

„Во Сараево дојде во јануари 2014 година од Работнички и по две години направи трансфер во екипата на Инчеон јунајтед во Јужна Кореја. По 18 месеци поминати во Јужна Кореја и Тајланд се врати во Сараево, во летото 2017 година, и со многу успех во последните 5 години го носеше бордо дресот“.

„За сите успеси на ФК Сараево во последните неколку години се поврзува името Велкоски кој во меѓувреме стана и капитен на тимот. Со своите три шампионски титули и три трофеи во Купот на БиХ, стана еден од најтрофејните фудбалери во историјата на нашиот клуб“.

„Дебитираше на 1. март 2014 година против Челик и од тогаш запиша 235 настапи постигнувајќи 64 голови и запишувајќи 44 асистенции. Со овој учинок стигна меѓу 10 најдобри стрелци на ФК Сараево во историјата. Го дели 10. место со Фрањо Ловрич, а само еден гол повеќе од нив имаат постигнато Хусреф Мусемиќ и Ален Авдиќ“.

„Велкоски е странец со најмногу настапи, трофеи, голови и асистенции во историјата на ФК Сараево. Во кариерата 15 пати го носеше дресот на репрезентацијата на Македонија со која учествуваше и на европското првенство 2021 година“.

„На Крле нема да му кажеме збогум, туку довидување, бидејќи сигурни сме дека по завршувањето на играчката кариера ќе се врати во бордо фамилијата во некоја друга функција“.

„Крле, ти благодариме за се!“.