24фудбал

Тркалезна маса: Спортското новинарство - опомена пред исклучување

Денеска во хотелот „Солун“ во Скопје, беше одржана тркалезна маса на тема „Спортското новинарство опомена пред исклучување“. Настанот беше организиран од Здружението на новинаро на Македонија (ЗНМ) и секцијата на спортски новинари.

Македонија

Улогата на модератор на настанот ја имаше новинарот Перо Момировски кој е и координатор на спортската секција при ЗНМ. Свое обраќање имаа извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски, директорот на ЗНМ, Наумче Мојсовски, професорите Јасна Бачовска – Недиќ и Иван Анастасовски, искусниот новинар, колумнист и долгогодишен уредник  на спортска редакција во повеќе македонски медиуми Милорад Стојмановски и новинарот Владко Арсов кој со присутните ја сподели анализата и заклучоците од анкетата која ЗНМ ја спроведе во текот на месец мај и јуни.

Перо Момировски тркалезната маса ја започна со констатацијата дека спортското новинарство е во континуиран пад и треба да му се помогне за да се избори за пристојно место во општеството, по што збор им даде на предвидените говорници.

Поразителни беа податоците презентирани од анкетата која беше спороведена меѓу новинарите. Речиси 70 проценти од новинарите се подготвени да ја порменат професијата доколку им се укаже можност за друга работа со повисока плата. 


Дури 75 проценти од новинарите добиваат пониска плата од 30.000 денари, што значи имаат помали примања од просечната плата во Македонија. Речиси половина од новинарите имаат најмалку уште една работа, а некои и уште две или повеќе.

Дека спортското новинарство е во криза стои велат и податоците дека само 11 проценти од новинарите се помали од 30 години, а 52 проценти се постари од 40 години. Што укажува на мала заинтересираност за оваа професиоја.

Извришниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски ја потенцираше поддршката која здружението на новинари ја дава на секцијата „спортски новинари“. Моментално во рамки на ЗНМ функционираат три секции а тоа се секцијата на сниматели и фоторепортери, секцијата на млади новинари и секцијата на спортски новинари.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски ја поздрави иницијативата, истакна дека денеска за разлика од минатото недостасуваат спортски емисии на телевизиите кои ќе ги анализираат спортските случувања. Тој вети дека ќе се заложи за помош за спортското новинарство.

Професорката Јасна Бачовска - Ненадиќ зборуваше за разочарувачкиот интерес за студирање новинарство. За разлика од минатото кога интересот беше значително поголем, сега по околу десетина студенти се запишуваат на овие студии годишно. 


Професорот Иван Анастасовски гладајќи ја претходно анкетата, рече дека спортското новинарство влегува во социјална категорија поради ниските примања кои ги имаат новинарите. Тој рече дека мора да се работи на подобрување на состојбата во професијата, на условите, за да се спречи падот во кој е сега.

Новинарот и колумнист Милорад Стојмановски направи убава паралела за состојбата на спортското новинарство некогаш и денес. Ги потенцираше проблемите кои беа посочени во анкетата и изрази надеж дека ситуацијата ќе се промени.

Следуваше дискусија меѓу присутните спортски новинари кои искажаа свои ставови и мислења за актуелната состојба во професијата, по што координаторот на спортската секција при ЗНМ, Перо Момировски го затвори настанот со надеж дека следната средба ќе има посветол наслов.