24фудбал

Арсенал нема доволен број на фудбалери, дербито на Северен Лондон е одложено

Премиерлигата го прифати барањето на Арсенал да се одложи дерби пресметката со Тотнем, „топпчиите“ немаат доволен број на фудбалери поради ковид-19, повреди, суспензии и Африканскиот куп на нации.

Англија

Арсенал синоќа објави дека бара да биде одложен мечот со Тотнем, потег кој не им се допадна на „спарси“, кои сметаат дека нема жариште на ковид-19 на Емирати, а со тоа и нема основа за одолжување на натпреварот.

Сепак, Премиерлигата попладнево соопшти дека дербито на Северен Лондон нема да се игра утре бидејќи „топчиите“ немаат доволен број на фудбалери (според правилата потребни се 13 играчи плус голман).

Во моментов е нејасно колку фудбалери се заразени со ковид-19, се знае дека Мартин Одегард токму поради вирусот го пропушти мечот против Ливерпул во Лига купот.

Емил Смит Роу и Такехиро Томијасу го пропуштија дуелот со Ливерпул поради повреди, а на Енфилд повреда заработија уште Букајо Сака и Седрик Соареш, додека пак Гранит Чака заработи црвен картон.

Томас Парти, Мохамед Елнени, Николас Пепе и Пјер Емерик Обамејанг не се во комбинација поради настап на Африканскиот куп на нации.