24фудбал

Милан од УЕФА ќе добие најмалку 45 милиони евра, со овие пари ќе се носат засилувања во јануари

Милан синоќа го заврши настапот во Европа откако загуби дома од Ливерпул, според Калчо е Финанца, „росонерите“ од УЕФА ќе добијат најмалку 45 милиони евра, дел од овие пари ќе се потрошат на засилувања.

Италија

По осум години, Милан се врати во Лигата на шампиони, но настапот во најелитното европско натпреварување не помина според планот. „Росонерите“ го освоија последното место на табелата, синоќешниот пораз од Ливерпул значеше збогување од Европа.

Но на финансиски план, авантурата не е така лоша. Според Калчо е Финанца, Милан од УЕФА ќе добие минимум 45 милиони евра. Вкупната бројка ќе се дознае по крајот на сезоната и зависи од тоа каков ќе биде настапот на другите екипи од Серија А во нок-аут фазата.

Доколку Милан се пласираше во осминафинале, ќе имаше гарантирани уште 15 милиони евра.

Се очекува дел од оваа сума да биде потрошена на засилувања во јануари, а приоритет е нов дефанзивец и замена за повредениот Симон Кјаер.

Во тефтерот на Малдини и Масара има неколку имиња како Бремер од Торино, Миленковиќ од Фиорентина, Луис Фелипе од Лацио, Јери Мина од Евертон, Бадиашиле од Монако и Омерагиќ од Цирих.