24фудбал

Мурињо: Знам дека лагите продаваат, но ги замолувам медиумите во Рим да не измислуваат проблеми кои не постојат

По денешната победа, Жозе Мурињо им се обрати и на римските новинари и ги замоли да не измислуваат приказни за да ја нарушат атмосферата во Рома.

Италија

Пред извесно време се појави вест дека Мурињо и Заниоло се скарале на тренинг. Фудбалерот барал да игра поцентрално на теренот, а не на крило каде го играше Португалецот.

Мурњо го седна Заниоло на клупа за мечот со Џенова и тоа уште толку ги подгреа гласините дека има недоразбирања меѓу нив двајца.

Денеска Заниоло беше стартер, даде гол, имаше и асистенција, па Мурињо им се обрати на новинарите и ги замоли да не измислуваат лаги.

„Би сакал да ги замолам медиумите во Рим да не измислуваат проблеми, да не измислуваат лаги. Сфаќам дека лагите продаваат, но се надевам дека новинарите во Рим ќе му дозволат на Заниоло да се развива во мир, ние исто така ќе помогнеме Италија да добие фудбалер кој ќе биде во одлична форма“, вели Мурињо.

„Тој беше на клупата против Венеција бидејќи имаше проблеми со повреда и не тренираше таа недела. Против Џенова, играв систем во кој тој нема играно претходно па мислев дека Елдор Шомуродов треба да добие предност пред него, а потоа и Феликс одигра многу добро“.

„Ми се допадна начинот на кој одигра вечерва. Заниоло има голем потенцијал, но исто така има и многу за учење во поглед на тактика и стабилност на неговото однесување на теренот. Ги има тие подеми и падови на самодовербата. Мислам дека најдобрите фудбалерите треба да продолжат самоуверено дури и кога работите не одат најдобро, тој мора да продолжи да верува во својот талент“.

„За мене е многу важно тие емоционални лузни од повредите да ги залечи. Против Јувентус играше фантастично добро, но кога се појави првиот знак на проблем со неговото колено, како да му се јави тој страв од нова повреда, тоа е нормално за играч кој страдал толку многу“.