24фудбал

Македонските фудбалски херои на 11 Октомври водат своја битка, на гости ни доаѓа Германија

Македонија вечерва повторно ќе излезе на мегдан со Германија, панцерите ќе сакаат да го исперат срамот од Дуизбург, но за резултатот се прашуваат и избраниците на Благоја Милевски.

Македонија

Вечерва со почеток од 20:45 часот, Македонија ја пречекува Германија во вториот меѓусебен дуел од квалификациите за Светското првенство во Катар 2022.

Во првата пресметка приредивме вистинска сензација откако ја совладавме Германија во Дуизбург, нешто на кое не можат да се пофалат ниту дел од најмоќните селекции во светот.

Но, денешниот дуел е друга приказна, Македонија и Германија сега имаат нови селектори, на местото од Игор Ангеловски дојде Благоја Милевски, а Ханси Флик го замени Јоаким Лев во германската репрезентација.

Двајцата селектори имаат нови идеи, нови замисли кои пробуваат да ги наметнат на своите фудбалери, па вечерва во Скопје се очекува еден сосема нов меч, иако претходниот не беше многу одамна.

„Сегашниот начин на кој игра Германија е многу поразлчен од тој со претходниот селектор. Тие се играчите, но со сосема различни задолженија. Сега, како ќе одиграат тука, тоа низ анализите можеме да го претпоставиме, но не е гаранција дека така ќе игрраат и со нас“, вели селекторот Благоја Милевски.

Германија во Скопје ќе биде мотивирана, фудбалерите ќе сакаат да се исперат за срамот од Дуизбург и да покажат дека тоа било само една случајна кошмарна ноќ.

Но, за резултатот ќе се прашува и Македонија. Квалтетот е на страната на Германија, а ние за да направиме изненадување треба да одиграме уште еден совршен натпревар.

„Мора да бидеме на едно врвно ниво во тактичката дисциплина, да бидеме прецизни во изведбата на тактиката и инивидуално и поединечно. Го почитуваме противничкиот тим, тоа е силен состав, сите знаеме која е Германија, но за резултлатот ќе се прашува и Македонија. Треба да веруваме во себе, секогаш кога ќе излеземе на теренот“, е ставот на Милевски.

Од нашите стрелци во Дуизбург, веќе го немаме Горан Пандев, но тука е Елиф Елмас. На прес-конференцијата Ханси Флик посебно го истакна него.

„Македонија е селекција која сака да игра фудбал и која е технички одлична. Елмас е фудбалер кој многу ми се допаѓа. Игра во Наполи и технички е многу добар, плус ни даде гол на првиот меч. Со нетрпение го чекам мечот со Македонија која нема пораз откако Милевски е дојден“, рече Флик.

Германија исто како и во Дуизбург и во Скопје е голем фаворит, но Македонија веќе покажа дека може да прави чуда, па зошто тоа да не е повтори и на денешниот голем празник, 11 Октомври.