24фудбал

Милевски: Градиме еден нов стил на игра, нема да го менуваме ни против Германија

Селекторот на Македонија, Благоја Милевски е задоволен од играта на неговите избраници против Лихтенштајн, вели дека во моментов се креира нов стил на игра кој треба да биде препознатлив за нашата репрезентација.

Македонија

Благоја Милевски ја оствари првата победа како селектор на сениорската репрезентација на Македонија откако со 4-0 го победивме Лихтенштајн во Вадуц.

„Кажав и пред почетокот на мечот дека максмално сериозно ќе пристапиме на овој натпревар, важно ми беше како ќе одиграме и да ги освоиме трите бода, не ми беше важен резултатот“, изјави Милевски по крајот на мечот.

„Ни во еден момент не стравував за резултатот, затоа што момците од самиот почеток влегоа сериозно во овој натпревар. Им честитам за професионалноста, за желбата, за се она што го покажаа на теренот“.

„Ние сме во фаза на формирање на тим, и реков кога дојдов дека овие квалификации ни служат за припрема на следните квалфикации. Би сакале на крајот да бидеме второ место, но главната цел ни е да го воиграме овој тим“.

Следен противник на Македонија е Германија, селекцијата која ја шокиравме во првиот натпревар победувајќи ја во Дуизбург.

„Не се навраќам на тоа што било претходно, гледаме кон тоа што следи, мечот со Германија ќе биде поразличен од првиот, сега тие имаат нов селектор, нова филозофија“.

„На почеток сме на градење на еден нов стил на игра, фудбалерите го прифаќаат тоа, покажуваат дека им лежи, и не планираме да ја менуваме играта за против Германија“.