24фудбал

Роналдо бил понуден на голем ривал на Реал Мадрид

Португалецот е одново член на „Црвените ѓаволи“, а на свои 36 години игра фантастично во дресот на клубот од „Олд Трафорд“ каде досега има максимален учинок.

Шпанија

Кристијано Роналдо со четири гола на три меча ја почна одново авантурата во Манчестер јунајтед, меѓутоа враќањето во тој клуб не било единствена опција на Португалецот во летниот преоден рок.

Агентот на Роналдо, Жорж Мендеш го понудил својот клиент и на Атлетико Мадрид, известува „Спорт“, меѓутоа шампионот на Шпанија ја одбил таа можност, иако и повеќе од јасно е дека тоа ќе беше спектакуларен трансфер за „Јорганџиите“.

Неофицијално, шефот на стручниот штаб на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне категорично бил против оваа идеја, а најмногу поради историјата на Роналдо во дресот на лутиот градски ривал на „Јорганџиите“, Реал Мадрид, па така клубот не сакал да ризикува со евентуална лоша повратна реакција од своите навивачи.

На крајот, наместо Роналдо, Симеоне го доби повратникот во тимот, Антоан Гризман, а договорот беше овозможен од технички аспект со самото заминување на Саул Нигез во Челси.