Категорија: Шпанија 08.08.2021 12:54
Поради лошото менаџирање на клубот во изминатите години, Барселона не успеа да потпише нов договор со Меси. За разлика од минатото лето кога сакаше да замине, овојпат Аргентинецот имаше желба да остане, да потпише нов договор и да ја заврши кариерата на Камп Ноу. Но тоа не се случи, Меси денеска се опрости од Барселона.
„Ова е многу тешко, не бев подготвен за ова. Минатата година бев подготвен да заминам, но оваа година јас и мојата фамилија сакавме да останеме тука, во нашиот дом“, изјави Меси постојано плачејќи додека зборува.
„По 21 година си заминувам со моите три каталонско аргентински деца. Живеевме во овој град, ова е нашиот дом. Благодарен сум за се, на сите мои соиграчи, на сите кои беа од моја страна“.
„Давав се за овој клуб од мојот прв ден до последниот. Никогаш не замислував дека ќе кажам збогум. Она што е јасно е дека направив се што е можно за да останам, но Барса не можеше поради Ла Лига“.
„Многу работи беа кажани за мене, но направив се што можев бидејќи сакав да останам. Минатата година не сакав да останам и го кажав тоа. Оваа година сакав, но не можев“.
„Го сакам овој клуб. Многу беше тешко што цела година не можев да ги видам фановите. Го замислував Камп Ноу исполнет и би сакал така да се збогувама со фановите, како што треба“.
Меси потврди дека следен негов клуб може да биде ПСЖ, но се уште нема ништо потпишано.
„ПСЖ е возможен следен клуб за мене, да. Но во моментов нема ништо потврдено. Добив многу повици по соопштението на Барса дека си одам. Сега зборуваме за следниот клуб“.
Меси си оди од Барселона како најдобар стрелец на сите времиња на овој клуб со 672 гола на 778 натпревари во сите натпреварувања.
Со неговото заминување завршува најуспешната ера во историјата на Барселона. Меси е најдобар и најзначаен фудбалер во историјата на овој клуб.