24фудбал

Непријатни вести за Милан, генералниот директор се бори со рак

Генералниот извршен директор на Милан, Иван Газидис откри дека боледува од рак на грлото, позитивна вест е тоа што ракот се лекува и докторите веруваат дека тој ќе успее да ја добие битката.

Италија

„Росонерите“ соопштија непријатни вести, генералниот извршен директор, Иван Газидис боледува од рак на грлото.

„Милан сака да ги информира навивачите и акционерите дека нашиот генерален извршен директор, Иван Газидис има рак на грлото. По извршени детални тестови, докторите предвидуваат дека тој целосно ќе се опорави“  - гласи известувањето.

За битката која го чека, Иван Газидис рече: „Секако, никогаш не е добро време кога ќе ви биде дијагностициран рак. За среќа се чини дека се работи за форма на рак која се третира. Ќе бидам под надзор на специјалисти и ја имам поддршката на саканите и сите колеги и соработници во клубот. Убеден сум, на основа на сите испитувања кои ги направив, дека третманот ќе биде успешен и комплетно ќе се опоравам. Мојата дијагноза покажува колку е важно редовно да се спроведуваат медицински прегледи, дури и ако немате симптоми. Ги охрабрувам сите да му дадат приоритет на своето здравје и да се погрижат да прават редовни проверки“.