24фудбал

Спортинг лут на Интер: Зошто одбивте 5 милиони од нас за Жоао Марио и потоа го пуштивте беспари во Бенфика?

Медиумите од Португалија пренесуваат дека Спортинг би можел да го тужи Интер поради трансферот на Жоао Марио, на клубот од Лисабон не му е јасно зошто „нероаѕурите“ одбиле 5 милиони евра од нив и потоа беспари го пуштиле фудбалерот во Бенфика.

Италија

Интер сепак може да заработи тужба од Спортинг Лисабон, медиумите од Португалија пренесуваат дека „лавовите“ размислуваат да се пожалат до ФИФА и Судот за спортска арбитража.

На Интер му се закануваше тужба од 30 милиони евра поради клаузула која Спортинг ја вметнал при продажбата на Жоао Марио, па за да нема судски спор, „нероаѕурите“ синоќа го раскинаа договорот на фудбалерот од средниот ред и тој денеска беспари, како слободен играч се пресели во Бенфика.

Како што пренесува О Жого, раководството на Спортинг не го разбира потегот на Интер и прашува: „Зошто одбивте 5 милиони од нас и потоа беспари го пуштивте во Бенфика?“.

Имено, Жоао Марио минатата сезона настапуваше на позајмица во Лисабон и „лавовите“ ова лето се обидоа во целост да го купат играчот. Интер побара 7,5 милиони евра, сума со која ќе нема загуба во буџетот, но Спортинг на маса стави 3 милиони евра, плус додатни 2 милиони евра во бонуси.

Потоа во битката влезе Бенфика, „орлите“ беа подготвени да платат 7,5 милиони евра, се договорија со Интер, но Спортинг се закани дека ќе бара оштета од 30 милиони евра, повикувајќи се на клаузула која не дозволува играчот да биде продаден на нивен ривал и зделката беше ставена во мирување.

Беа консултирани неколку адвокати за на крајот Интер и Жоао Марио да постигнаа согласност за прекин на договорот и Португалецот денеска да потпиша за Бенфика како слободен играч.

О Жого додава дека има уште еден спорен момент во целата ситуација, односно дека Интер му должел 4 милиони евра на агентот на Жоао Марио, кој ветил дека ќе се откаже од оваа сума доколку биде раскинат договорот на фудбалерот со цел тој беспари да се пресели во Бенфика.