24фудбал

Мурињо: Како можеше судбината на Англија да биде во нозете на Сака... каде беа Шо, Стерлинг и Стоунс?

Жозе Мурињо има многу прашања за изборот на Англија во синоќешната пенал серија против Италија, верува дека поискусните играчи морале да истапат и да не дозволат судбината на „Трите лава“ да биде во нозете на 19 годишниот Букајо Сака.

ЕВРО 2020

Англија одново остана со празни раце, синоќа на Вембли, „Трите лава“ го загубија финалето на ЕВРО 2020 против Италија. Домаќините беа катастрофални во пенал серијата, од белата точка промашија Џејдон Санчо, Маркус Рашфорд и Букајо Сака.

Герет Саутгејт и неговиот избор беа на удар на критичарите, на многумина им боде во очи тоа што што последен изведувач беше 19 годишниот Букајо Сака.

„Околу одлуката за тоа кој да изведува пенали, мислам дека не треба да го изберете Сака како последен изведувач. Мислам дека е премногу, младо момче како него да има таков терет на рамењата. Не знам, ќе треба да го прашаме Герет Саутгејт бидејќи често се случува играчите кои треба да шутираат на крајот да не шутираат, да бегаат од одговорност“ - вели Жозе Мурињо.

„Но го знам Герет, тој секогаш ги брани своите фудбалери па не верувам дека ќе излезе и ќе рече, „Тој фудбалер одби да шутира“ или „Тој фудбалер се криеше“ или „Тој фудбалер не беше подготвен да изведе пенал“. Не ме прашувајте како и од каде знам, но ми беше кажано дека еден играч кој можеше да биде дел од составот на Англија, не е дел бидејќи во полуфиналето на Светското првенство требал да изведе пенал но одбил“.

„Понекогаш вакви ситуации се случуваат, и искрени момци како Герет нема да ги откријат имињата на фудбалерите. Не знам дали нешто слично се случило и сега“.

„Но прашувам, во оваа ситуација каде беше Стерлинг? Каде беше Стоунс? Каде беше Шо? Зошто Хендерсон и Вокер не останаа на терен? На Рашфорд и Санчо воопшто не им е лесно да шутираат пенал откако претходно ја допреа топката само еднаш“.

„Како можеше Сака да ја има судбината на Англија... мислам дека тоа беше преголема одговорност. Да, можеме да велиме дека изведувале извонредно пенали на тренинзите, но едно е да шутирате пенал на тренинг, а сосема друго е да шутирате во финале на Европско првенство“.

„Жал ми е за Сака“.