24фудбал

За инает на англиските медиуми и фанови, Мурињо го испофали Лук Шо (ВИДЕО)

Иако веќе не е во Англија и немаше никаква улога во Европското првенство, англиските фанови и медиуми секојдневно се занимаваа со Жозе Мурињо.

ЕВРО 2020

Мурињо за еден од првите натпревари рече дека Лук Шо одиграл многу добро, но слабо ги изведувал корнерите. Фудбалерот на Јунајтед тоа многу трагично си го сфати па имаше изјава дека Португалецот е опседнат со него иако Жозе како фудбалски критичар зборуваше за сите фудбалери.

Отогаш па до синоќа, на секоја добра игра на Шо, и фановите и дел од медиумите во Англија му се обраќаа на Жозе Мурињо на социјалните мрежи.

Англиските фанови дури измислија и песна во која го величат Шо, а го навредуваат Мурињо, таа се пееше синоќа на Вембли.

На крајот Англија не победи, а единствените трофеи на Лук Шо во кариерата се под водство на тренерот кој не му чини, Жозе Мурињо.

Сепак, и покрај целиот тој наратив кој доаѓа од Англија, Мурињо го испофали Лук Шо за неговиот настап на Европското првенство.

„Бидејќи луѓето мислат дека јас не го сакам Лук Шо, морам да кажам. Одигра неверојатен турнир, беше фантастичен во финалето, немаше грешки во дефанзивата, многу солиден, постојано напредуваше, напредуваше и напредуваше, и постигна гол кој не значеше многу, но за него, за неговата кариера, за неговиот напредок е многу добро. Многу добар беше Лук Шо“, изјави Жозе Мурињо.